vozduhsega@gmail.com
Скопје , 25ти Декември, 2016
Граѓанска иницијатива O2 КОАЛИЦИЈА ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ
Граѓанска иницијатива "ВОЗДУХ СЕГА"
Граѓанска иницијатива "НИЕ СМЕ КАРПОШ 4"
Граѓанска иницијатива "СТОП НА ЗАГАДУВАЊЕТО "
Здружение Прва детска амбасада во светот МЕЃАШИ - Скопје
Еколошко здружение - Движење ЕКО ГЕРИЛА - Тетово
Граѓанска иницијатива "Мајка и дете - Тетово"
Граѓанска иницијатива "Скопје Смог Аларм"
Граѓанска иницијатива "Спас за Водно"
Здружение за развој и активно делување и поттикнување на граѓанскиот сектор ЗА НАС СЕ РАБОТИ - Битола
Граѓанска иницијатива "Куманово бара чист воздух"
Граѓанска иницијатива "Скопје бара чист воздух"
Граѓанска иницијатива "Охрид ЅОЅ"
Здружение за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.
ДО:
Влада на Република Македонија
- Претседател на Владата на Република Македонија
- Заменик на Претседателот на Владата на Република Македонија
Министер за животна средина и просторно планирање
НА ЗНАЕЊЕ ДО:
Министер за здравство
Министер за економија
ПРЕДМЕТ: БАРАЊЕ ЗА ИЗМЕНА НА ПРАГОТ НА ИНФОРМИРАЊЕ И АЛАРМИРАЊЕ за PM10
Почитувани избрани претставници на Владата на Република Македонија,
Според Светската здравствена организација (СЗО) нема безбедно ниво на PM10 во воздухот под кое нема штетно дејство по здравјето на човекот.
Краткотрајните ефекти од аерозагадувањето се алергиски реакции, печење на очите, коњуктивит, иритација на носот и грлото, гребење на грлото, кашлање, бронхитис, пнеумонија, главоболки и лошење, потешкотии со дишењето, кожни реакции, асматични напади итн.
Долготрајни ефекти од изложеноста на PM честичките во воздухот се хронични респираторни болести, оштетувања на белите дробови, рак на бели дробови, тумори, рак на органи до каде стигнуваат PM честичките со канцерогени елементи преку крвниот систем, а тоа ги вклучува сите кардиоваскуларни заболувања, артеросклероза, срцеви болести, срцев удар, оштетување на мозокот и нервите, неуродегенеративни болести, забрзано стареење на мозокот, тивок мозочен удар, мозочен удар, когнитивни пореметувања, оштетен психосоцијален и когнитивен развој кај децата, аутизам, деменција, Алцхајмерова болест, зголемена депресија кај постари лица, оштетување на внатрешните органи (црн дроб, бубрези итн) неплодност, оштетувања на мозокот ин утеро кај неродени деца, предвремено родени и многу други.
Според Светската Здравствена Организација во 2005-та година во Македонија поради загадениот воздух (претежно PM честичките) починале 4,033 лица што ја чинело Македонија 25.31% од БДП.
Во 2010-та година, исто според СЗО, во Македонија починале 3,774 лица поради загадениот воздух и тоа ја чинело земјава 19.9% од БДП. (WHO Regional Office for Europe, OECD (2015). Economic cost of the health impact of air pollution in Europe: Clean air, health and wealth. Copenhagen: WHO Regional Office for Europe.)
СЗО за 2012-та година ја проценува смртноста во Македонија поради аеро загадувањето на 2,836 лица (137.5 стапка на морталитет на 100 000 жители; население во Македонија според Државен завод за статистика на 31.12.2012: 2 062 294 жители) (World health statistics 2016: monitoring health for the SDGs, SDG Target 3.9 | Mortality from environmental pollution)
Според Европската агенција за животна средина (ЕЕА) во 2012-та година во Македонија поради изложеност на PM2.5 починале 3,000 лица (Air quality in Europe - 2015 report (EEA Report No 5/2015)), во 2013-та година 3,360 лица (Air quality in Europe - 2016 report (EEA Report No 28/2016))
Според Институтот за јавно здравје пиковите на аерозагадување одговараат на пиковите на најголем број на смртни случаи и тоа посебно од групите на заболувања во кардиоваскуларен систем, мозочен удар и исхемична болест на срцето.
СЗО препорачува средната годишна концентрација на PM10 да не е поголема од 20 µg/m3.
ЕУ законодавтсвтото и нашето не дозволува повеќе од 35 дена во годината надминувања на PM10 над 50 µg/m3 среднодневна вредност и до 40 µg/m3 средна годишна вредност.
Во Македонија концентрациите на PM10 во воздухот во континуитет ги надминуваат граничните вредности, со над 295 (Тетово), над 175 (Гази Баба), над 157 (Лисиче), над 151 (Ректорат), над 150 (Кичево), над 144 (Центар), над 131 (Карпош), итн., дена во годината. Нема мерна станица во Македонија, освен таа во Лазарополе која служи како позадинска, каде не се прекорачени многукратно дозволените 35 дена во годината.
Во зимскиот период ова е најизразено и најалармантно, каде дневните вредности многукратно ги надминуваат граничните во континуитет. Стандардни се вредностите на PM10 над 200 µg/m3, па и над 300 µg/m3, над 400 µg/m3 дневно во зимскиот период. Реткост се деновите под 100 µg/m3 дневно за PM10.
Оваа состојба е повеќе од алармантна и бара соодветен праг на информирање и алармирање за PM10.
Сегашните прагови на информирање и алармирање за PM10 се несоодветни, со оглед на алармантната загаденост во земјава и нејзиниот девастирачки ефект врз здравјето и животот на секој еден нејзин жител.
Усвоените прагови за PM10, иако PM10 во континуитет ги надминуваат граничните вредности, од страна на Владата на 25.12.2012 на 108-та седница на предлог на Интерсекторската работна група за квалитет на воздух, се:
- ПРАГ НА АЛАРМИРАЊЕ: 10 дена по ред над 100 µg/m3. По истекот на 10 дена и добиена временска прогноза за стабилноста на временската состојба со појава на магла од УХМР во наредните пет дена се прогласува алармантна состојба
- ПРАГ НА ИНФОРМИРАЊЕ : 5 последователни дена над 50 µg/m3
Предложените прагови за PM10 од страна на Град Скопје во КРАТКОРОЧЕН АКЦИОНЕН ПЛАН ЗА ЗАШТИТА НА АМБИЕНТНИОТ ВОЗДУХ ВО ГРАД СКОПЈЕ И ОПШТИНИТЕ ВО ГРАД СКОПЈЕ и предлогот на МЖСПП за Уредба за дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели. (веб страна на МЖСПП 31.03.2017 год), кои се недозволиви се:
- ПРАГ НА АЛАРМИРАЊЕ: 2 дена по ред над 250 µg/m3 за првата година, односно 200 µg/m3 во 2022 година. Истиот се смета за надминат ако:
- среднодневната концентрацијата нa PM10 е над прагот во текот на два последователни денови и е добиена прогноза за стабилна временска состојба во наредниот период и
- праговите се измерени на 50 % од бројот на поставените станици во градот, доколку во градовите се поставени повеќе од една мониторинг станица.
- ПРАГ НА ИНФОРМИРАЊЕ : 2 последователни дена над 150 µg/m3
Бараме истите да се променат, во најбрз рок, согласно препораките на СЗО, ЕЕА и Државниот завод за ревизија на РМ ("Ефикасноста на мерките за обезбедување на квалитетот на воздухот во Република Македонија" од 13.05.2015 до Министерството за животна средина и просторно планирање) по европски примери и да гласат:
- Праг на информирање за PM10 : два последователни дена со
среднодневна вредност поголема од 50 μg/m3
- Праг на алармирање за PM10 : два последователни дена со
среднодневна вредност поголема од 70 μg/m3
Во очекување на Ваш позитивен одговор,
Со почит ,
долу потпишани граѓани
By signing, you accept Care2's Terms of Service.
You can unsub at any time here.
Having problems signing this? Let us know.